Што е антибиотик?
Антибиотици се лекови кои се корисат кога имаме бактериска инфекција. Постојат многу видови антибиотици кои ја намалуваат инфекцијата на два начини: со убивање на бактериите или со оневозможување на нивниото размножување.
Некои од антибиотиците се со широк спектар на делување, тоа значи дека намалуваат инфекции предизвикани од голем број на бактерии. Тие се користат кога не знаеме од која бактерија точно е настаната инфекцијата, или кога не постои специфичен антибиотик за тој вид бактерија.
Тоа значи дека тие напаѓаат голем број бактерии, вклучувајќи ги и оние од кои ние имаме бенефит и го одржуваат здравјето на системот за варење.
Антибиотиците ги препишува исклучиво лекар кој дијагностицирал бактериска инфекција. Не се препишуваат при вирусни и габични инфекции.
Ризикот од употреба на антибиотици врз микробиомот на слузниците
Антибиотиците не ги разликуваат патогените и корисните бактерии, па затоа при нивна употреба, бројот на корисните бактерии значајно се намалува. Последиците од употреба на антибиотици врз микробиомот може да бидат присутни и видливи и по шест месеци од употребата на антибиотикот. Некогаш овие последици се и трајни.
Кои се последиците?
Микробиомот на нашите слузници е одговорен директно за нашето здравје. Вклучен е во имунолошките реакции, оддржување на телесната тежина, па дури и менталното здравје. Со намалување на бројот на корисни бактерии настанува воспалителен процес со што се намалува одбраната на организмот.
Разни истражувања покажуваат дека нарушување на микробиомот во раната возраст е поврзана со подоцнежна појава на алергии, астма како и автоимуни заболувања.
По откривањето на антибиотиците и зголемената употреба, се зголемил и бројот на гојазни пациенти, причината за ова е откриена многу подоцна, а коренот е во нарушување на микробиомот. Со текот на годините исто така зголемена е и отпорноста на бактериите кон антибиотиците, тоа се нарекува антибиотска резистенција. Таков е случајот на заболување предизвикано од бактеријата Клостридиум дифициле, но во поново време, здравствените работници, пронашле третман со целосно пресадување на микробиом во цревата, за ефикасен третман на оваа бактерија.
Следете не, ќе пишуваме и за начините за решавање на овој проблем.
Останете информирани, останете здрави